Прва седница на новиот ЦО и вебинар за дипломатските односи помеѓу Македонија и Хрватска
Прва седница на новиот централен одбор на Хрватскиот Форум се оддржа вчера, 29.11.2020 година, преку онлајн платформата „Zoom“.
На дневен ред ставени беа просторните услови на ХФ, техничко – организациони прашања, како и претстојните активности на Форумот. Дефинирани беа активности за предновогодишниот период.
Централниот одбор инаку го сочинуваат членовите на Извршниот одбор на ХФ, претседателот на Надзорниот одбор, како и претседавачот/претседателот на Собранието на ХФ, заедно со потпретседателите. ЦО донесува одлуки помеѓу две Собранија.
ВЕБИНАР НА ТЕМА „ДИПЛОМАТСКИТЕ ОДНОСИ ПОМЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА“
Во организација на Одборот за надворешни работи на ХФ, предводен од м-р Иван Дургутов и Азиз Сулејмани, за централниот одбор во проширен состав беше спроведен вебинар на темата „Дипломатските односи помеѓу Македонија и Хрватска“.
На настанот, говорниците на почетокот потсетија за официјалните и неофицијални бројки во врска со хрватското малцинство во Македонија, а беа и разгледани формите на делување на Хрватите во Македонија. Истакнати беа и досегашните заложби на хрватската државна Канцеларија за Хрвати надвор од РХ.
Говорниците посебно се осврнаа на Спогодбата за заштита на правата на македонското малцинство во Република Хрватска и хрватското малцинство во Република Македонија потпишана во 2007 година, а во тек на 2008 година ратификувана од страна на двата парламента.
Беше потсетено и за историските фактори од развојот на дипломатските односи: Македонија ја признава Хрватска на 11. Ⅱ. 1992 г., додека пак Хрватска ја признава Македонија на 12. Ⅱ. 1992 г. Дипломатски односи се воспоставуваат на 30. Ⅲ. 1992 г.
Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Р. Хрватска во РМ е Онесин Цвитан. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на РМ во Р. Хрватска е Сервет Авзиу. Во 2006 г. во Битола се отвора хрватски конзулат.
Членовите на одборот за надворешни работи ги претставија и останатите билатерални договори склучени помеѓу двете земји.
Тим за односи со јавноста
ХРВАТСКИ ФОРУМ