Ако се говори за историја, тогаш треба да се почитуваат сите факти. Бугарија беше на страната на силите на Оската и на крајот прејде на страна на сојузниците, вели поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во разговор за МКД.мк. Според него, нема ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет и за прашања што дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.
Како гледате на бугарското вето и нивните барања или услови за Македонија за почеток на преговори со Европската Унија?
Јас сметам дека односот меѓу Бугарија и Македонија, во времето додека Македонија беше во рамките на Југославија, одамна е апсолвирано прашање и дека тука не смее да има никакви проблеми. И сите оние што сега го потегнуваат таквото прашање очигледно можат само да им пречат на односите меѓу Македонија и Бугарија, но и на мирното решавање на проблемите во целиот регион.
Но дали ветото од Бугарија е во склад со европските вредности, бидејќи тие се членка на ЕУ?
Во тоа и е работата, бидејќи ако дефинитивно било решено прашањето за односите меѓу Југославија и Бугарија, а со тоа и на Македонија и Бугарија, мислам дека сега не е ни во европски интерес, ни во интерес на регионот, а на крајот ни во интерес на Македонија ни на Бугарија, да се поставуваат прашања што веќе се решени, кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.
Кому му одат во прилог тврдењата од Софија дека Коминтерната ја формирала македонската нација, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, освен можеби на создавањето „непријател“ од оваа страна на границата?
Никаква Коминтерна не го создала ниту бугарскиот ниту македонскиот јазик. Бидејќи и едниот и другиот јазик се јазици што ги говорат посебните народи, бугарскиот народ – бугарски, македонскиот народ – македонски. А сличности има. Има и меѓу српскиот и хрватскиот, па Србите го нарекуваат српски, Хрватите – хрватски, Бошњаците – бошњачки, Црногорците – црногорски.
Не гледам ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет. Македонската нација постои, таа е историски факт и секој што тука нешто проблематизира всушност им штети на односите во цела Европа.
Тука е и тврдењето дека Тито нѐ создал…
Тито никого не го создал, туку само ги констатирал фактите. Ако е така, тогаш би значело дека Тито ги создал и Србите и Хрватите и Словенците.
Ние бевме во една државна заедница, Кралство Југославија, во кое не беа решени националните прашања. Националните прашања кај нас се решени во Народноослободителната борба, која ја водеше маршалот Тито. Но секој народ го извојува своето право и да има свој јазик и да има своја територија и идентитет.
Целото интервју е достапно на „МКД.мк“.