[ На денешен ден ] Во Самобор во 1939 година испечатена „Бели мугри“ на Кочо Рацин
Како што вели Антун Густав Матош дека „Самобор е најхрватски од сите градови“, познато е и дека Самобор е најмакедонски град од сите хрватски градови.
На 25 ноември 1939 година, во Самобор, недалеку од Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер излегува од печат стихозбирката „Бели мугри“ во тираж од четири илјади примероци.
Рацин (1908 – 1943) е еден од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто. Најпознат е по својата стихозбирка „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на современата македонската литература.
Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Со полна поетска сугестивност и емотивност ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар, поправичен свет.
„Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци, инаку издаден во Загреб во 1861 година.
Прво литературно дело кое го напишал Рацин е „Синови глади“, објавено во 1928. година, во списанието „Критика“ од Загреб.
Од изгубениот роман „Опиум“ во 1933 година објавени се три кратки дела во загребска „Литература“.
СОРАБОТКА НА ГРАДОВИТЕ ВЕЛЕС И САМОБОР
Соработката помеѓу градовите Велес и Самобор е започната во 1977 година, а се темели на овој значаен настан од 1939 година. Ова е о(д)бележано и со спомен плоча на тогашната печатница како и со поставување на споменик на Кочо Рацин во паркот кај Музејот во Самобор.
Еден од самоборските мостови го носи името на Град Велес.
ХФ / Град Самобор / „Википедија“