skip to Main Content
Колективизмот – мит или реалност за Пољичката република и пољичкиот статут?

Колективизмот – мит или реалност за Пољичката република и пољичкиот статут?

Пољичка Република била лоцирана на краевите кои го опфаќаат источниот дел од денешниот град Сплит. Таа постоела од 13-ти век, до почетокот на 19-ти век, кога војската на Наполеон навлегла и завладеала со оваа територија.

Називот на оваа Република потекнува од многубројните полиња кои се наоѓаат околу планината Мосор. Во време на најголемото владеење на Османлиската Империја, Пољичката Република ја признала турската власт и ја задржала својата автономија.

Во време на Млетачката Република (Венеција), која ги опфаќала следниве денешни држави: Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Грција и Кипар, на оваа република и го признала статусот на автономна република.

фото: М. Беовиќ

За оваа држава, како симбол на отпор се врзува и делото на хероината Мила Гојсалиќ. Во 1530 Отоманскиот Ахмед-паша собира војска од 10.000 мажи со цел да го освојат Пољица. Мила Гојсалиќ била меѓу жените принудени да ја изгубат невиноста со Ахмед-паша.

Поради тоа, таа се инфилтрирала во турскиот камп и ги разнела резервите на муниција, при што загинале Ахмед-паша и бројни војници.

Но вложениот труд и отпор кој што го дал народот кој што живеел во оваа држава, не бил доволен за совладување на големиот француски заповедник, маршалот Мармонт, кој што по седумстотини години постоење ја укинува Пољичката Република.

Споменик на хрватската хероина Мила Гојсалиќ, дело на Иван Мештровиќ, бронза, во Гата близу Омиш, над устата на реката Цетина.

Но сепак овој момент претставува и светла точка на крајот на тунелот, затоа што тој во своите списи дава респектативен коментар и поччит кон толку вредните и значајните Закони на оваа Република.

Значајно е да се спомене дека во 1960 година, руски научник изнесува теза дека делото „Утопија“ на Томас Мор од 1516 година е испирирана од автономните стародревни обичаи на оваа република, кои биле пример за праведно и слободно општество. 

Пољичката и Дубровничката република се единствени две историски хрватски републики на тлото на Далмација. Но наспроти Дубровничката која е аристократска, Пољичката република е заедница на слободни селани и како таква можеби и единствена на тлото на средновековна Европа.

ПОЉИЧКИ СТАТУТ

Најзначајниот документ кој што го остава оваа неславна Република е токму Пољичкиот Статут. Тој е еден од најзначаните и најинтересните документи од законските историски списи на Хрватска, затоа што е пишуван на стил различен од сите други закони од тоа време.

Содржина исполнета со кратки и јасни реченици, кои не само што толку сликовито ги опишуваат општествено-економските односи кои постоеле во тоа време, туку и го објаснува битието и размислувањето на тогашниот човек и жител на оваа Република.

Пољички статут

Пољичкиот статут покажува висок степен на правна стручност и општествена свест. Најстариот ракопис од 16 век е напишан на „босанчица“, односно „пољичица“ – што претставува хрватско автохтоно писмо.

Статутот е напишан на хрватски јазик на штокавско и чакавско наречје, а бележи повеќе редакции во неколку временски периоди.

фото: М. Беовиќ

Речениците кои се толку јасни и прецизни ги опфаќаат сите аспекти од тогашното општествено живеење, од највисокиот чиновник до обичниот селанец.

Ако се запрашаме која била потребата за донесување на толку невообичаен документ од тоа време, најпрвин треба да разбереме дека луѓето кои живееле во оваа Република имале огромна желба за автономија, но воедно и страв од потпаѓање на нивната самостојност под Хрватската (средновековна) или Млетачката Република.

Во еден од членовите на овој статут, јасно се вели дека „Секој има право на живот“, спротивно на многуте средновековни европски закони преполни со смртни казни и мачење. 

фото: Иво Перван

Освен законите кои се содржани во него, забележани се и различни одлуки и пресуди кои се однесувале на поединци. За правото на оваа држава, покрај архаичноста како карактеристика, нејзини обележја се и гарантирањето и прифаќањето на лична одговорност во насока на заштита на областа.

Статут кој настанува во 16 век ги отсликува политичките, општествените, економските и културните односи кои се случувале во тоа време, Статут кој својата единственост ја крие токму во својата стручна правничка изработка и прецизна реализација. Правото кое се состои во овој документ е токму хрватското колективно право, а на него влијание имало и црковното, римското и капиталистичкото право.

Во овој документ се претставува разликата помеѓу јавното и приватното право, толку значајна за денешното време и право. Низ целиот текст, па и низ самата историја на оваа Република се провејува идејата за колективизам и колективниот дух на Републиката и народот.

Верувањето во колективизмот за нив претставувал најзначајно нешто, затоа што тие сметале дека само  заедничките напори  доведуваат до сигурен  опстанок, неприкосновена сигурност, потребен  ред и мир, кој толку силно бил втемелен во  копнежите на  борбениот народ кој живеел во оваа  Република.


Подготвила: Теодора Димитровска, координатор на правен тим

Овој текст е дел од серијата текстови на Хрватски Форум посветени на најважните и најстарите правни документи на средновековна Хрватска. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top