Димитровска: Приказната за ХФ продолжува да се раскажува, уште поголеми успеси во иднина
Како заменик генерален секретар би сакала да се обратам на сите постојани и идни членови кои ќе станат дел од успешната приказна на Хрватски Форум, која пред една година беше само убава имагинација, а денес е реалност за која сите слушаат и зборуваат.
Младите постојано нè запрашуваат по што Хрватскиот Форум се разликува од други организации и здруженија на граѓани. Од мое лично искуство и мојата перцепција би издвоила неколку работи кои што го карактеризираат Хрватскиот Форум и го прават да биде специфичен ентитет самиот за себе.
Најпрво, приказната започна со неколку студенти кои на располагање го ставија целиот свој човечки, материјален и интелектуален капацитет за да се креира една приказна која од ден во ден ќе прераснува во место каде што младите ќе можат да се пронајдат и прилагодат.
Од правни, преку економски, социјални, културни, меѓуетнички и секаков вид на соработки и обуки Хрватскиот Форум го помина својот едногодишен тест, а како резултат на успешноста беа сите наши средби, обуки, дружби, соработки со претставници на највисоките власти во државата и сите оние кои придонесуваат за некаков општествен придонес во државата.
Да се биде дел од Хрватски Форум е чест и задоволство, тоа е олицетворение на вистинскиот младински активизам и борбата за подобар и по квалитетен пристап на младите во општествените збиднувања.
Нека ни е среќен и честит првиот роденден, приказната за ХФ продолжува да се раскажува уште помасовно на целиот Балкан, а уште поголеми успеси се токму мотото со кое ќе продолжиме да работиме, сите заедно за едно инклузивно и прифатливо општество за сите нас.
Ве поздравувам сите.
Теодора Димитровска, основач и заменик – генерален секретар на ХФ