skip to Main Content

Не постои решение кое трајно ќе ги реши проблемите со кои се соочуваме, но постои пат кој може да обезбеди соочување со нив.

Свесни од потребата да се подобри положбата на младите, да се овозможи квалитетно образование и подобра перспектива;

Соочени со фактот дека проблемите на младите се маргинализирани и игнорирани, образованието и културата речиси истиснати од јавниот простор, а европскиот пат на земјата е изложен на сериозна неподготвеност;

Убедени дека НИЕ сме тоа во што веруваме, а дека ИДНИНАТА е тоа што го создаваме;

Во име на ХРВАТСКИОТ ФОРУМ, кој обединува млади со намера да се понудат конкретни решенија и да се остварат заеднички иницијативи, ја донесуваме следната:

ДЕКЛАРАЦИЈА

Потребен е сериозен договор кој ние како млади, слободни и одговорни, можеме и мораме да го понудиме и реализираме.

Се организираме затоа што сме убедени дека луѓето се слободни и дека само такви можеме да бидеме дел од слободно и успешно општество.

Веруваме дека младите се најголемиот потенцијал на секоја држава. Веруваме во различноста, во општество кое ги поддржува послабите и ги почитува разликите.

Слободни сме да ги прифатиме добрите политики и модели, затоа што не можеме да дозволиме отфрлање на било кој разумен предлог.

Одговорни сме и подготвени за соработка, отворен дијалог и размена на идеи, да ги послушаме и другите, а не само да го чекаме нашиот ред за критика.

ДРЖАВА ЗА СИТЕ

Се залагаме за воспоставување и развој на институции и мерки кои ќе ги обезбедат слободите и правата на сите членови на општеството.

Еднаквоста мора да биде остварена пред законот, затоа што сите мора да имаат еднакви можности за успешен живот.

Веруваме во политика на можности за сите, а не во политика на привилегии за некои. Веруваме дека се потребни институции кои се модерни и ефикасни.

Сакаме да го мотивираме учеството на младите во јавниот простор и одлучувањето.

ОБРАЗОВАНИЕ И КУЛТУРА ВО ДВИЖЕЊЕ

Образованието е клуч за модернизацијата на нашето општество.

Државата мора да ги поддржува студентите суштински, а не само „на хартија“. Универзитетот мора да биде институција која го разбира светот и младите, а не само бирократијата.

Веруваме во модернизирано и рационализирано образование, кое ги разбира новите прилики, го вреднува и унапредува неформалното образование и е способно да ги примени новитетите на технолошкиот развој.

Сакаме да учествуваме во реформирање на постоечкиот културен модел, кој ќе го приспособиме на новите потреби и новото време.

ОДГОВОРНОСТ, А НЕ ИЗГОВОРИ

Се залагаме за воспоставување и развивање на постојан дијалог помеѓу државата, и граѓаните и граѓанскиот сектор, како би се откриле нови решенија, а просторот за демагогија би се намалил.

Решени сме да продолжиме да ја јакнеме соработката помеѓу Македонија и Хрватска, да ги развиваме и подобруваме заедничките потенцијали, да ги поврзуваме младите од овие држави и да создаваме нови можности.

Одлучни сме да ги унапредиме правата на малцинските заедници (на Хрватите во Македонија и Македонците во Хрватска) преку сите механизми кои стојат на располагање, што би значело уште една потврда за историската поврзаност и сплотеност на двете земји.

Сакаме да го продолжиме континуитетот на Македонско Хрватско Друштво – Тетово заснован на резултати и заштита и промоција на хрватскиот идентитет и култура во Македонија, како една од најзаслужните организации за етаблирањето на хрватските идеи во македонското општество и фактор за силна врска на македонско-хрватското пријателство.

Оваа декларација е посветена на сегашноста и иднината и со која сакаме да мотивираме и организираме нормална и агрументирана дискусија. Затоа и текстот е напишан на едноставен и јасен начин, затоа што ни е потребна чиста и јасна визија. Двосмисленоста не може да биде одговор на комплексните проблеми и предизвици со кои се соочуваме. Само аргументираниот став може да биде вистински одговор на демагогијата која го има исполнето јавниот простор.

Back To Top