skip to Main Content
Марин Држиќ – хрватски ренесансен автор и критичар со остри комедии

Марин Држиќ – хрватски ренесансен автор и критичар со остри комедии

Марин Држиќ е најголемото име на хрватската книжевност во 16 век, но исто така може слободно да се каже еден од најголемите и најдобрите комедиографи во хрватската историја воопшто, но и во светската.

Марин Држиќ (нарекуван Видра) е хрватски поет, драмски писател, автор на политички текстови и актер. Се претпоставува дека е роден во 1508 година во Дубровник. Внук е на познатиот хрватски ренесансен автор Џоре Држиќ кој создавал во 15. век.

Прв пат во дубровничките архиви се јавува во 1526 година, кога е поставен за еден од ректорите во црквата Сите светци (Домино). Во архивските откритија може да се види дека името на Марин Држиќ се поврзувало со многу долгови, позајмици и слично. Тоа сведочи за финансиските потешкотии кои ги имала фамилијата Држиќ. Но, во август 1538 Советот на баратели му одобрува еднократна помош на Марин да оди да студира во Италија, поточно во Сиена.

Куќата на Држиќ, Дубровник

Се претпоставува дека Марин во Сиена студирал право, книжевност и филозофија. Во 1541 година станува ректор на студентскиот дом и проректор на универзитетот, што била најугледна студентска должност во Сиена.

Наредната година Марин добива опомена затоа што глумел главен лик во една забранета претстава во приватна куќа. Во тоа време во Дубровник и дефинитивно пропаѓа компанијата на неговата фамилија.

ВРАЌАЊЕТО ВО ДУБРОВНИК

Во 1545 година Марин се враќа во Дубровник. Таа година неговото име се поврзува со грофот Кристоф вон Рогендор кој потекнува од старата штајарска благородничка фамилија. Рогендорф бил контроверзна личност, бил во судир со виенскиот двор и имал намера да побегне на страната на Турците.

Прво Марин оди во служба на грофот во Виена, но сепак по некое време го замолува да го ослободи од службата и се враќа во Дуброник. Повторно после некое време станува негов преведувач и со грофот заедно одат во Цариград. Сепак уште еднаш согледува дека тоа не е друштво што му одговара на него и се враќа во Дубровник.

Подоцна дубровничката држава го обвинува Држиќ дека работел против Републиката, на што тој одговара дека единствената цел на патувањата со грофот е да го види светот.

Споменик во Дубровник

АВТОРСКАТА РИЗНИЦА НА ДРЖИЌ

Помеѓу 1548 до 1562, Држиќ живее во Дубровник, кога и настанува неговата плодна книжевна и театарска активност. Но сепак тоа и време тој се соочува со многу долгови и немаштија.

Во неговата библиографија, се вбројуваат дела во неколку категории: драмски дела, поезија и некнижевни дела (како збир на дописи и политички текстови).

За „Тирена“, пасторална драма во стих, обвинет е дека го плагирал Мавро Вeтрaновиќ, но Ветрановиќ ги одбива наводите за плагијаторство на негово дело и дури една песна му посветува на Марин Држиќ.

Може да се каже дека тоа е прв забележен пример како еден хрватски книжевник му помага на еден негов колега кога тој е во неволја.

Ренесансни комедии кои ги напишал се „Помет“ (која е изгубена, со Дундо Марое би сочинувала дуализам), „Дундо Марое“, „Скуп“ (ја исмејува алчноста и скржавоста на дубровничката власт), „Пјерин“, „Аркулин“ и „Манде“. Сепак тој во комедиите не врши само исмејување туку и посочува на големото присуство на корупција и нечесност кое е присутно насекаде.

Тој преку своите ликови сака на еден интересен и хумористичен начин да даде критика на стварноста која го опкружува, на човековата глупост како и критика на политичката неправда.

Неговите комедии се остри и „пецкави“, посебно тоа се однесува на комедијата „Дундо Марое“. Последно што го има напишано е неговата единствена трагедија „Хекуба“.

Театарот во Дубровник го носи неговото име.

ОБИДИТЕ ЗА „УРИВАЊЕ“ НА ДУБРОВНИЧКАТА РЕПУБЛИКА

Во 1562 заминува во Венеција, после тоа многу ретко оди во Дубровник. Во 1566 оди во Фиренца, со желба да стапи во контакт со фиренциско-тосканскиот господар, војводата Косим Медичи. Сакал тој со својата моќ но и угледот кој го ужива да му помогне да ја сруши власта во Дубровник.

Во писмата кон војводата тој пишува како дубровничката власт води многу лоша надворешна политика, како и какви недостатоци има таа власт.

Детално му го објаснува планот како тој мисли дека ударот треба да биде изведен. Сепак и после 3 испратени писма кон војводата тој не добива никаков одговор. Затоа му пишува писмо на неговиот син Франческо Медичи, во кое му се извинува, признава дека погрешил и дека можеби свеста сè уште не е созреана за таков чин.

Умира наредната година, на 2 мај во Венеција. Закопан е во црквата Заниполо, доминиканската базилика на Свети Иван и Павле, една од најубавите цркви во Венеција.

Во комедиите преку секојдневни ликови го исмејува општеството, ја критикува човековата глупост, алчноста, како и нечесноста и корупцијата на дубронивничката власт.

Јосип Торбарина, еден од најголемите хрватски англисти и преведувачи на Шекспировите дела има изјавено дека Шекспир го учел хрватскиот јазик и сакал да ги чита делата на Марин Држиќ.

Иновативноста која Држиќ ја застапувал речиси останува непозната. Пред втората половина на 19. век неговиот книжевен опус не бил познат за јавноста. Со играњето на „Шега со Станец“ во Хрватскиот народен театар (ХНК) во последните години од 19. век се отвора просторот за поставување и на други негови дела, кои подоцна се преведувани и играни на многу странски јазици. Сепак, се смета дека најдобрите изведби се остварени на дубровничките отворени сцени.

  • Во Хрватска се доделува драмска награда „Марин Држиќ“.
  • Хрватскиот парламент ја прогласил 2008 година за „Година на Марин Држиќ“, како 500 годишница од неговото раѓање.
  • Една авенија во Загреб го носи неговото име.
  • Во 2006 година во Хрватска е снимен филм за Марин Држиќ со наслов „Либертас“, а во режија на Вељко Булајиќ.

Подготвил: Ненад Бојковски, координатор за образование

Овој текст е дел од серијата текстови на Хрватски Форум посветени за достигнувањата на хрватската култура и уметност и е дел од новиот блог „Хрватска на македонски“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top