skip to Main Content
Сплитски статут од 1312 година – хумани решенија и пазарна економија

Сплитски статут од 1312 година – хумани решенија и пазарна економија

Сплит е град во Далмација, јужна Хрватска, на Јадранско Море. Градот е најголем град во Далмација, втор по големина во Хрватска и е град со многу богата историја. Сплит сам по себе е синоним за Хрватска и хрватското приморје. 

Сплитскиот статут

Но она што е особено интересно за Сплит е тоа што некогаш бил автономна провинција и животот во овој град бил организиран според Статут кој е донесен 1312 година.

Значајно е да се напомене и општестното уредување кое владеело низ Европа, што практично комбинирало феудалистичко угнетување на сиромашните и масовно палење на вештерки. Но тоа не било пример за Сплит.

Во Сплит никогаш не постоел феудализмот, а само една вештерка била спалена, и тоа не од државата, туку од бесната маса.

Сплитскиот статут ги регулирал, не само јавно правните односи, како организацијата на власта, кривичната одговорност, судските постапки, туку и  приватно-правните односи, брачното и семејното право, стварното како и наследното право, што го прави исклучително прогресивен за своето време.

Пишуван е на латински јазик, но е објавен и на хрватски јазик.

Диоклецијановата палата (Dioklecijanova palača). Објектот е вклучен во списокот на УНЕСКО во 1979 година. Изградена е од страна на Диоклецијан во 3 век.

Кога би го споредиле правното уредување на Сплит со некои други далматински градови, посебно оние кои немале пишани документи и биле подложни на самоволието на поединечни феудалци би констатирале дека Сплит и тогаш бил меѓу оние градови во Европа кои се истакнувале со своите хумани решенија и пазарна економија.

Мапа на Сплит

Во поглед на настанувањето на овој град, по падот на Западното римско царство, Сплит уживал фактичка автономија и бил управуван врз основа на сопствените обичаи и институции кои во поголемиот дел биле преземени од римското право.

Така Сплит постепено се обликувал во релативно независна градска комуна и само формално ја признавал власта на источните императори кои пак поради слабоста на империјата не биле во состојба да се мешаат во нивните внатрешни работи.

Сплит ја признал власта на  кралот Коломан но само под услов да ја задржат својата автономија што ни кажува колку тие ја ценеле својата самостојност и немале никаква намера да се откажат од истата.

Плоштад на републиката или Прокуративе, Сплит

Статутот останал на сила се до падот на Венецијанската Република во 1797 година, иако некои негови одредби биле ограничени по воспоставувањето на венецијанското владеење во 1420 година.

Статутниот материјал е поделен на „Стариот статут“ (Statutum vetum) од 1312 година, „Новиот статут“ (Statutum novum) кој ги содржи измените од 1333 година и „Реформациите“ усвоени од Големиот совет до 1385 година.

Стариот статут е поделен во книги со нееднаков број на поглавја. Додека пак Новиот статут и Реформацијата не се поделени во книги.

„Овошниот“ плоштад во Сплит

Првата книга од Сплитскиот статут или уште нарекуван Стариот статут содржи одредби за положбата на Црквата во комуната; втората ја стандардизира структурата и дејноста на јавните служби; третата зборува за граѓанско право и постапката; четвртата е преокупирана со кривично право и постапка; петтата пак содржи одредби за јавни услуги и урбан ред; а шестата содржи други одредби кои не спаѓаат во претходно категоризираните одредби.

Тука мора да напоменеме дека овој не е прв Статут на градот Сплит, во 1240-та година е настанат првиот статут кој му претходел на тој од 1312 година но за жал не се зачувани никакви записи од содржината на овој документ.

Советниците (членовите на градскиот совет) можеле да бидат само „најодличните“ граѓани. Казните инаку биле детално разработени, па так на пример предавството кон градот и палежот се казнувале со смрт.

Внимание во овој документ е посветено и на најмалите детали, па така се предвидело парично  казнување на вербалните навреди, а санкции се предвидувале и за случаите на неверство, каде не се правело дискриминација помеѓу мажот и жената во третирањето на одговорноста.

Сплит денес

Цивилизациската вредност на овој статут е во тоа дека неговите творци не се плашеле покрај старото хрватско право да ги  прифатат и најдобрите решенија од римското право, кои најразвиените градови на Западна Европа од тоа време веќе ги имале прифатено бидејќи биле многу погодни за подобрување на економијата и политичките односи. Во таа смисла можеме да кажеме дека Хрватите како народ беа првите кои “влегоа” во Европа.

Стаутот несомнено е сместен во групата на најсовремени „западни“ градови во тоа време, што воведувајќи нови правила и стандарди во правата дури и ги надминува модерните стајалишта на другите статути.


Подготвила: Софија Волчевска, доп. кординатор на правен тим

Овој текст е дел од серијата текстови на Хрватски Форум посветени на најважните и најстарите правни документи на средновековна Хрватска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top