skip to Main Content
Винодолскиот законик – заштитник на жените, најстар целосно сочуван документ на хрватски јазик

Винодолскиот законик – заштитник на жените, најстар целосно сочуван документ на хрватски јазик

Винодол или Винодолска долина е сместена во внатрешноста на Цриквеница, а ги опфаќа местата од Крижишќе до Нови Винодолски кои од антиката па сè до ден денешен ги имаат сочувано своите словенски имиња (со исклучок на Брибир).

Денес местата Дривеник, Трибаљ, Грижане – Белград и Брибир формираат општина Винодол со седиште во Брибир.

Најстариот целосно сочуван правен документ на хрватски јазик – Винодолски законик бил изготвен на 6 Јануари 1288 година.

Законикот е важен извор за проучување на раниот феудализам во Хрватска, а самиот факт дека тој документ е од 13 век и е составен на народен јазик го сместува во важните хрватски културни споменици.

Замокот Франкопан во Нови Винодолски, каде е напишан Винодолскиот законик

Винодолскиот законик е напишан на глаголица, а претставува претежно обичајно право на винодолската општина. Се состои од 77 членови во кои опширно се разработени и се опишуваат односите помеѓу градовите на слободната општина Винодол и кнезовите од Крк. Напишан е на 14 пергаментни листови со големина 24,3 × 16,5 цм.

Имено, преку дар на Хрватско – Унгарскиот крал Андрије Втори, Винодол во 1225 година потпаѓа под власта на владетелите од Крк. Слободните селани не сакале да станат кметови, па дошло до конфликт кој траел сè до 1288 година кога Винодолчаните ја признале власта на островските кнезови, а пак кнезовите одлучиле да им признаат некои права на селаните.

Поради тоа оформена е комисија од 42 членови од винодолските општини која требала да ги потпише правaта и обврските на кметовите и феудалните господари.

Така настанал Винодолскиот законик, за кој подоцна со анализа се покажало дека не бил одраз на старото обичајно право, туку дека комисијата го прилагодила на потребите на тогашниот феудален поредок.

Тоа што е значајно и интересно за Винодолскиот законик е дека истиот не бил напишан од службеници на владеачите, туку дека истиот е дело на претставници на народот во присуство на кнезот.

По еден примерок од преписите зачуван е во секое од 9-те седишта на винодолските општини.

Замокот Дривеник, кој се споменува како еден од потписниците на овој законик

Во одредбите на законикот, може да се забележи дека во случај на силување, мажите биле строго казнување, со парични казни, додека пак на жените „на добар глас“ им се верувало и без потреба од сведоци. Жената можела да наследи недвижности под услов да плаќа давачки кон феудалецот, како што тоа го правел нејзиниот сопруг или татко.

Во законикот е опширно разработено кривичното право со системот на глоби, казни, давачки на феудалците, појавувањето на судот т.е. меѓусебните права и обврски на селаните и кнезовите.

Стариот град, Нови Винодолски

Тој го нормирал законот за наследство и пропишал казни за кражби, навреди, повреди и убиства. Во членовите 18, 27 и 56 донесени се и законски одредби за правата на жените, за нивната лична и морална заштита.

Овој законик несомнено претставува и документ – заштитник на жените, кој уште во тоа време, 1288 година, става акцент на заштитата и правата на жените. 

Правници и историчарите преку одредбите на средновековните статути и документи ја препознаваат намерата на населението да се заштити од власта на кралот, феудалците, Црквата, па така со овој законик се прават обиди за ограничување на самоволните казни, што особено е забележително во чл. 39.

Оригиналниот текст не е сочуван, а најстариот ракопис напишан е на глаголица во втората половина на 16 век.

Познавачите додаваат дека на најстариот ракопис, составувачот на истиот по краевите додавал разни илустрации (со „шарање“), како што се меч, клуч, змија, рака и др.

фото: „Нови лист“

Првото печатено издание било објавено во 1843 година од Антун Мажураниќ во списанието „Коло“.

Винодолскиот законик е многу важен извор за запознавање на социјалната структура на винодолските заедници, нејзините права т.е. етнолошкото и културното наследство. Исто така е еден од највредните споменици на средновековниот хрватски јазик.


Подготвила: Стефанија Софеска, координатор на ХФ

Овој текст е дел од серијата текстови на Хрватски Форум посветени на најважните и најстарите правни документи на средновековна Хрватска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top