Студентите и младите мора да бидат приоритет на секоја држава
Меѓународниот ден на студентите, и оваа година студентите и младите го дочекуваат соочени со нерешени прашања и актуeлни предизвици.
Денешниот датум претставува значаен потсетник со кој се навраќаме на студентите кои во историјата, борејќи се за слобода и човекови права беа несомнени лидери во промените и просперитетот. Како симбол на студентската борба за гарантирани и унапредени права, истакнувајќи ги студентите како категорија чии барања и потреби се често маргинализирани и непознати во јавниот простор, обврзани сме на уште проактивен начин да ги (од)браниме студентските интереси, воедно и интереси кои се заеднички со иднината на земјата.
Убедени сме дека студентите и младите мора да бидат приоритет на секоја држава, затоа ни е потребен нов дневен ред во кој студентите и младите не се точка „разно“.
Ние уште во нашата Декларација насловена ИДНИНА СО СТАВ, јасно порачавме дека „државата мора да ги поддржува студентите суштински, а не само `на хартија`. Универзитетот мора да биде институција која го разбира светот и младите, а не само бирократијата“.
Решени сме да ја продолжиме борбата за подобри студентски услови и за полесно остварување на студентските права, па во оваа насока го најавуваме и формирањето на нашиот Студентски клуб преку кој уште поконкретно ќе дискутираме за проблемите со кои се соочуваме и за решенијата чија реализација е повеќе од потребна.
Искрено се надеваме дека периодот кој следува ќе биде период во кој прашањата на студентите и младите ќе заземат приоритна позиција, што преку одговорен пристап ќе обезбеди одржливо и поефикасно решавање на овие прашања.
Тим за односи со јавноста
ХРВАТСКИ ФОРУМ